Американскиот претседател Џо Бајден, на завршната прес-конференција самитот на НАТО во Вашингтон, покажа виталност и на новинарските прашања одговараше речиси цел еден час елоквентно и во детали. Тој даде долги и детални одговори за прашања од областа на американската надворешна политика, за односите со Европа, Кина и Блискиот Исток.
Но се случи и тоа од што најмногу стравуваат неговите поддржувачи, а на што се радуваат неговите противници. Бајден на моменти потешко ги изговараше зборовите и мешаше имиња. Тој го замени името на потпретседателката Харис со „потпретседателот Трамп“. Ова се случи само неколку часа откако на друг настан од самитот, украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече – „рускиот претседател Владимир Путин“. Веднаш се поправи, но тоа не го намали лошиот впечаток.
На оваа прес-конференција, неизбежно, Бајден беше во позиција да ја брани својата кандидатура и имиџот, обидувајќи се да ја убеди американската и светската јавност дека тој може да остане во трката и дека за неговата способност најдобро зборуваат резултатите од неговата работа.
„Јас сум најквалификуван да бидам претседател. Еднаш го победив Доналд Трамп и ќе го сторам тоа повторно… Јас сум оптимист за иднината. Сакам да ја завршам работата“, изјави Бајден, кој нагласи дека е во добра здравствена состојба. „Имав три невролошки прегледи, од кои последниот во февруари. Лекарите рекоа дека сум во добра форма. Јас не очекувам сите да бидат задоволни од тоа што го работам или од бројот на лекари што ги имам“, рече тој.
Иако тоа беше прес-конференција што требаше да означи еден исклучително голем и важен самит на НАТО, кој прослави 75 години од своето постоење, сепак, најголем дел од реакциите се однесуваа на темата за возраста и способноста на американскиот претседател.
Се очекува дека прес-конференцијата ќе ги убеди Демократите дека тој поседува физичка и ментална агилност и способност да го победи Републиканецот Доналд Трамп на изборите во ноември. Сепак, непосредно по прес-конференцијата, уште тројца Демократи се придружија на групата која бара повлекување на Бајден од изборната трка.
Подготви: Џ. Дерала / ЦИВИЛ МЕДИА