Турските власти објавија дека 234 лица се уапсени во пет земји во голема меѓународна акција против организации за трговија со дрога.

„Уапсени се 234 високо рангирани членови на организирани криминални групи, 225 во земјата и девет во странство“, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, додавајќи дека апсењата се извршени во Холандија, Германија, Шпанија и Белгија.

Меѓу целните групи се членови на организации вклучени во трговијата со кокаин, хероин и екстази на неколку континенти, рече Јерликаја.

Запленети се повеќе од 21 тони наркотици и имот во вредност од 13 милијарди турски лири (околу 300 милиони евра), додаде Јерликаја.

„Се соочуваме со голема меѓународна структура“, рече турскиот министер, нагласувајќи дека осомничените се обвинети за широк спектар на кривични дела, од трговија со дрога до убиства и перење пари.

„Како дел од оваа операција, информации и документи беа споделени со полициските сили во Франција, Англија, Австралија, САД, Грција, Србија, Азербејџан, Косово, Бугарија, Северна Македонија, Бразил и Иран“, рече Јерликаја.

Текстот (Видео) Огромна акција во Турција против нарко-мафијата – уапсени 234 лица, известена е и македонската полиција е превземен од МАКФАКС.