Членовите на Хамас им дадоа „торби со подароци“ на заложниците кои беа ослободени вчера, се гледа во видеото објавено од палестинската милитантна група, пренесоа израелските медиуми.

Во торбите што ги добиле трите жени ослободени од заробеништво имало нивни фотографии во заробеништво на Хамас и „сертификат“, пренесе „Тајмс оф Израел“.

На видеото се гледаат поранешните заложници Роми Гонен, Емили Дамари и Дорон Штајнбречер како држат „торби со подароци“ додека им биле предадени на израелските војници.

Хамас претходно објави пропагандно видео на кое се гледа нивното ослободување од заробеништво во Појасот Газа.

На видеото се гледа како Хамас ги носи заложниците на собирно место на централниот плоштад во градот Газа, придружуван од десетици вооружени мажи, каде што се собраа стотици Палестинци, пеејќи и скандирајќи.

Трите жени потоа беа предадени на Црвениот крст, а на видеото се гледа како претставник на Меѓународниот комитет на Црвениот крст го потпишува документот даден од оперативците на Хамас, пред да бидат предадени заложниците.

Како дел од договорот за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците кои ги држеше Хамас, чија примена започна вчера, во Израел беа вратени Роми Гонен (24), Емили Дамари (28) и Дорон Штајнбрехер (31).

Текстот (Видео) Израелски медиуми: Хамас им даде „торби со подароци“ на ослободените жени е превземен од МАКФАКС.