Сообраќаен хаос низ Шпанија и Португалија предизвика долгиот прекин на електричната енергија. Прекинот на струја зафати големи области од овие две држави, а меѓу погодените градови се Барселона, Лисабон, Мадрид, Порто и Севиља. Делови од Баскија исто така накратко беа погодени од прекинот.
Хаос има на метри станиците, улиците, аеродромите, семафорите се исклучени. Оневозможена е интернет и мобилната мрежа, банкоматите за плаќања, лифтовите се заглавени. Не се во функција ниту полначите за електрични возила и бензинските пумпи.
Градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида ги повика граѓаните да останат таму каде што се и да го намалат движењето на апсолутен минимум.
„Ги замолувам сите жители на Мадрид да излегуваат што е можно помалку и, ако воопшто е можно, да останат таму каде што се во моментов. Сакаме да ги задржиме сите патишта слободни“, рече Мартинез-Алмеида во видео пораката објавена на социјалните мрежи.
Говорејќи од интегрираниот центар за вонредни ситуации во Мадрид, тој рече дека покрај исклучувањето на семафорите, морале да ги затворат и тунелите на некои автопати.
Мрежите на мобилната телефонија исто така беа погодени.
Новинарите на АФП од Мадрид и Барселона известија дека луѓето излегле на улиците, држејќи ги мобилните телефони високо во воздухот за да се обидат да фатат сигнал.
Според агенцијата, многумина ги следеле вестите преку радио, а не преку мобилни уреди.
Се појави и видео од жичница во Билбао, Шпанија, каде луѓето морале да слезат и да продолжат пеш.
Gente bajando a pie del funicular de Artxanda en Bilbao#apagon pic.twitter.com/PthoY01CNq
— Javi Regalado (@djobi71) April 28, 2025
Португалската авиокомпанија ТАП Ер Португалија ги предупреди патниците да не се упатуваат кон аеродромите до понатамошно известување.
Во соопштението објавено на својата Фејсбук страница, ТАП наведува дека некои летови не се одвиваат според распоредот и бара од патниците да чекаат нови информации.
Пристигнуваат бројни извештаи дека многу граѓани на Шпанија и Португалија останале без вода.
Неколку луѓе изјавија за „Скај њуз“ дека забележале панично купување вода и други потреби во супермаркетите во Лисабон.
Текстот (Видео) Долгиот прекин на струјата во Шпанија и Португлија предизвика хаос е превземен од МАКФАКС.