Кошаркарите на Далас победија во Сакраменто со 120:106 и останаа во игра за пласман во плеј-офот. За осмата позиција на табелата во Западната конференција, Маверикс ќе играат против Мемфис. Победникот од тој натпревар ќе игра против Оклахома во првото коло од плеј-офот.
Избраниците на Џејсон Кид го решија натпреварот во втората четвртина кога постигнаа 44 поени. Од друга страна, Кингс целосно потфрлија во нападот, постигнаа скромни 19 поени.
Во тој период од мечот, Клеј Томпсон потсети на најдобрите денови, постигна 16 од своите 23 поени, четири тројки, точно една година по последниот меч за Голден Стејт кој го одигра на истото место.
Вориорс, да потсетиме, беа поразени и од Сакраменто, минатата сезона во плеј-ин пресметката, а Томпсон беше еден од најлошите на теренот,ги промаши сите десет шута што ги упати кон кошот.
Претходната вечер беше речиси беспрекорен, 8/11 од поле, 5/7 за три, 2/2 слободни фрлања.
Покрај Клеј, Далас имаше силни адути во Ентони Дејвис кој ги предводеше гостите со 27 поени (9/23 од поле), Брендон Вилијамс кој додаде 17 од клупата, а одличен беше и Данте Ексум со 11 поени кои ги постигна без промашување од поле.
Демар Дерозан со 33 поени и Зак ЛаВин со 20 беа убедливо најдобри во поразениот тим. Домантас Сабонис натпреварот го заврши со 11 поени и 13 скока.
Текстот (Видео) Далас го победи Сакраменто – Маверикс победа ги дели од место во плеј-офот е превземен од МАКФАКС.