Студентка денеска е тешко повредена во Белград кога возач влетал во група студенти додека со 15-минутно молчење им оддавале почит на загинатите при падот на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад.

Повеќе од еден месец студенти од повеќе од 60 факултети им оддаваат почит на жртвите од Нови Сад со блокирање на сообраќајот 15 минути. Во четвртокот, додека стоеле на раскрсницата пред техничките факултети, возач на комбе во темносина боја со голема брзина влетал од улицата на тротоарот.

Од силината на ударот студентката се нашла на покривот на автомобилот, кој продолжил да се движи носејќи ја на покривот триесетина метри пред да падне на земјата, покажуваат снимките објавени на социјалните мрежи.

Блокадите на факултетот беа иницирани токму поради насилството на кое беа изложени студентите на Факултетот за драмски уметности кога на 22 ноември, додека им оддаваа почит на жртвите од новосадската трагедија, беа нападнати од неколку лица, кои подоцна беа идентификувани како членови и функционери на владејачката Српска напредна партија, анализираат медиумите во регионот.

Според написите, насилството врз студентите и учесниците на протестот беше повторено уште неколкупати додека највисоките владини функционери ги нарекоа студентите странски платеници, а блокадите обид за обоена револуција.

Полицијата соопшти дека го го пронашла возачот М. П. (38), кој е осомничен дека денеска околу пладне удрил во 20-годишна девојка. Се сомнева дека во возилото имало уште две лица, соопшти МВР.

Според неофицијални информации, студентката е тешко повредена и пренесена во болница. Засега нема официјална изјава за нејзините повреди. Студентите потврдија дека таа е студентка во прва година на Правниот факултет во Белград.

Текстот (Видео) Автомобил влета во група студенти во Србија, едно лице заврши на покривот е превземен од МАКФАКС.