„Гугл“ планира да ги напојува своите центри за податоци со електрична енергија од нуклеарните централи, сигнализирајќи дека ќе го следи примерот на другите технолошки гиганти во долгорочните планови за покривање на огромната потрошувачка на енергија на инфраструктурата за вештачка интелигенција.

„Гугл“ планира „брзо и безбедно“ да ги поврзе првите мали модуларни реактори (SMR) на калифорниската компанија „Каирос повер“ на мрежата до 2030 година и да инсталира повеќе реактори до 2035 година, се вели во соопштението објавено денеска.

„Договорот ќе обезбеди вкупно до 500 мегавати нова енергија без јаглерод за американската електрична мрежа и ќе им помогне на повеќе заедници да уживаат во придобивките од чистата и достапна нуклеарна енергија“, рече директорoт во „Гугл“, Мајкл Терел. Во интервју за „Фајненшл Тајмс“, Терел рече дека нивниот план е да користат шест или седум електрани. Се’ уште не е јасно дали струјата од реакторот ќе влезе во мрежата или директно во центрите за податоци.

Финансиските детали од договорот се исто така „матни“ бидејќи „Гугл“ не прецизираше дали има намера да ја кофинансира изградбата на електраните или само да купува струја од нив. Посебна карактеристика на малите реактори на Каирос е ладењето со стопени флуоридни соли. Компанијата тврди дека таков модел на ладење е побезбеден од оној на конвенционалните реактори кои користат вода, бидејќи не вклучува загревање до точка на вриење.

Минатата година „Каирос“ доби дозвола за изградба на првиот пробен модуларен реактор во американската сојузна држава Тенеси. Вештачката интелигенција бара големи количества електрична енергија, а „Гугл“ најави дека сака да биде климатски неутрален до 2030 година и моментално ги неутрализира емисиите на јаглерод диоксид (CO2) со мерки како што се садење дрвја.

Уделот на „чиста“ електрична енергија во центрите за податоци и канцелариите на Google минатата година изнесуваше 64 отсто, но емисиите на јаглерод диоксид се зголемија за 13 отсто пред една година. Од почетокот на годината и „Амазон“ и „Мајкрософт“ потпишаа договори кои предвидуваат снабдување на центрите за податоци со електрична енергија од нуклеарните централи.

Во март, Амазон купи центар за податоци напојуван со електрична енергија од нуклеарни реактори од Тален Енерџи. Во септември, Мајкрософт потпиша договор со Constellation Energy за враќање на производството на електрична енергија во нуклеарната централа Tree Mile Island, местото на најлошиот нуклеарен инцидент во американската историја.

Текстот Вештачката интелигенција ќе троши огромна количина струја, „Гугл“ тоа ќе го решава со нуклеарна енергија е превземен од МАКФАКС.