Венецуелските власти обвинија четворица новинари за „тероризам“ откако беа уапсени за време на постизборните немири во земјата, соопшти локалниот новинарски синдикат.
Протестите избија во Венецуела неколку часа откако претседателот Николас Мадуро беше прогласен за победник на изборите на 28 јули.
„Ја осудуваме незаконската и произволна употреба на антитерористичките закони во Венецуела, особено против новинарите и фоторепортерите приведени за време на постизборните протести во земјата“, се вели во соопштението на венецуелскиот синдикат на медиумски работници.
Откако избувнаа немирите, фоторепортерите Јуснер Алварадо и Дејси Пена, како и снимателот Пол Леон и репортерот Хозе Грегорио Карнеро, се приведени, соопшти синдикатот.
На новинарите им е забранета средба со нивните адвокати, се додава во соопштението.
За тероризам предвидена е максимална казна од 30 години затвор во Венецуела.
Организациите за човекови права велат дека најмалку 24 загинале за време на протестите, а повеќе од 2.200 биле уапсени.
Извор: МИА