Велика Британија ќе распореди ловци „Еурофајтер Тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор, откако Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникot британскиот премиер Кир Стармер.

Во наредните денови, овие авиони ќе им се придружат на француските „Рафали“, германските „Еурофајтер“ и данските Ф-16, како дел од операцијата на НАТО „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.

„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер, обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на Алијансата.

Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, додека Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според Ројтерс, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.

Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.

Во вторник, Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат околу 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија, оценувајќи ги како хистерија.

Минатиот месец, Полска ги започна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат околу 30.000 војници, вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.

Фото: принтскрин

Текстот Велика Британија испраќа „Tајфуни“ во Полска е превземен од МАКФАКС.