Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, од Тирана истакна дека на Албанија и се случува членство во Европската Унија, а истото важи и за сите земји од регионот. Тој најави дека Унијата наскоро ќе објави план за раст за земјите од регионот.
„Членството доаѓа во Албанија. Членството доаѓа на Западен Балкан. Допрва ќе чуете што планираме во оваа насока, а тоа ќе биде планот за раст за Западен Балкан, што ќе го објавиме. Со него веднаш ќе се забрза проширувањето од први јануари наредната година, за да можеме да бидеме домаќини на новите земји-членки во најбрз можен рок кога тие ќе бидат подготвени. Ние сме подготвени“, рече Вархеји.
Вархеји планот го најави пред министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Тие се состанаа во рамки на Берлинскиот процес во Тирана, каде за десетина дена ќе се одржи и Самитот на овој процес на ниво на премиери и претседатели. На денешниот состанок се обрати и шефот на дипломатијата Бујар Османи, според кого најавата за новиот План за раст за Западен Балкан, треба да овозможи пристап до заедничкиот европски пазар и финансиска помош за регионот.
„Регионот мора да ги засили напорите за реализација на внатрешни реформи, зајакнување на регионалната соработка и дополнително зајакнување на добрососедството. Заедничкиот регионален пазар не само што останува драг на нашите срца бидејќи беше инаугуриран за време на нашето заедничко претседавање со Бугарија со иницијативата во 2020 година, туку што е уште поважно, го гледаме како клучен елемент за економскиот раст на регионот и чекор поблиску до единствениот пазар“, рече Османи.
Берлинскиот процес претставува платформа која ги здружува Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина пред целосна интеграција во Унијата. Иницијатор на процесот е Германија, чија министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека конфликтот меѓу Косово и Србија е потенцијална закана за Берлинскиот процес.
Лука Андреев