Европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји од денеска до четврток ќе престојува во посета на Молдавија, каде ќе присуствува на официјалниот старт на постапката за билатералниот скрининг за членство на земјата во ЕУ, што ќе започне со кластерот „Основни вредности“.
Почетокот на скрининг процесот следува откако на 25 јуни во Брисел беше одржана првата Меѓувладината конференција ЕУ-Молдавија, со која беше означен старт на преговорите за членство на земјата во Унијата, преку усвојување на Преговарачката рамка и Патоказите, јави МИА.
Во рамки на скринингот, како прв чекор од преговарачкиот процес, ќе се процени усогласеноста на земјата со законодавството на ЕУ, а таа ќе ги презентира и следните планови за понатамошно усогласување.
Покрај учеството на стартот на скрининг процесот, предвидено е Вархеји да разговара за следните чекори во соработката меѓу ЕУ и Молдавија на средби со молдавската претседателка Маја Санду, премиерот Дорин Речеан, вицепремиерите Кристина Герасимов и Думитру Алаиба и со министрите за енергетика и за внатрешни работи Виктор Парликов и Адријан Ефрос. Предвидено е еврокомесарот да се сретне и со претседателот на молдавското Собрание, Игор Гросу и со неколкумина пратеници.
Вархеји ќе има средби и со корисници на средства од фондовите на ЕУ за реализација на инвестициски проекти, а како потврда на поддршката на Унијата за безбедноста на земјата на молдавската полиција ќе и предаде донација од 40 патролни возила и камери.