Трикратниот шампион на Гренд слем турнирите, Швајцарецот Стен Вавринка и легендарниот француски тенисер Ришар Гаске добија специјални покани (вајлд карти) за појавување во главниот ждреб на Ролан Гарос, објавија организаторите.

На женскиот турнир, француските тенисерки Дајан Пари (102-ра на ранг-листата на ВТА), Леолија Жанжан (104-та) и Клое Паке (138-ма) исто така добија покани за директен влез во главниот жреб на турнирот, објави Француската тениска федерација (FFT).

Гаске (38), кој моментално е на 160-то место на светската ранг-листа, уште во октомври објави дека овогодинешниот Ролан Гарос ќе биде последниот турнир во неговата кариера, па затоа неговата вајлд-карта беше очекувана. Имаше малку поголема неизвесност околу Вавринка (132-ри на АТП листата), шампионот на Отвореното првенство на Франција во 2015 година, но организаторите решија и него да го почестат.

Меѓу другите машки играчи, вајлд-карти за главната ждрепка им беа доделени на Французите Артур Казо (116), Валентин Роже (117), Теренс Атман (119) и Пјер-Иг Ербер (148), како и на Австралиецот Тристан Скулкејт (129) и Американецот Емилијано Нава (137), благодарение на договорите за реципрочни покани што ФФТ ги има со австралиските и американските тениски федерации.

16-годишната надеж на францускиот тенис, Моиз Куам, доби посебна покана за квалификациите, кои започнуваат во понеделник.

Ролан Гарос се одржува од 25 мај до 8 јуни во Париз.

Текстот Вавринка и Гаске добија покани за Ролан Гарос е превземен од МАКФАКС.