Вжештена е атмосферата во таборот на Манчестер Јунајтед, откако покрај Оле Гунар Солскјер на удар се најде и дефанзивецот Хари Мегваер. Англискиот репрезентативец се наоѓа во очајна форма, поради што е критикуван не само од фановите, туку и од сопствените соиграчи.
Како што јавуваат британските медиуми, дел од фудбалерите на Јунајтед почнале гласно да му приговараат на Солскјер за упорното инсистирање Мегваер да биде дел од стартните единаесетмина, згора на тоа и да ја добие капитенската лента. Норвежанецот му ја даде лентата на Мегваер по само шест месеци минати на „Олд Трафорд“, со што уште тогаш го навлече бесот на Рашфорд и на Де Хеа, фудбалери со далеку поголем стаж во таборот на „црвените ѓаволи“.
Сега кога Мегваер е директен виновник за примените голови на речиси секој натпревар, лобито против него станало уште побројно.
„Како може Мегваер да биде капитен на оваа екипа. Има играчи како Роналдо, кои имаат освоено девет трофеи со Јунајтед, потоа фудбалери како Рашфорд и Гринвуд, кои се деца на клубот, како и бројни фудбалери со поголем стаж од Мегваер. Ако некој мисли дека Хари е лидер, тој е лидер само по бројот на грешки. Откако се врати по повредата, Јунајтед прими единаесет гола на три натпревари, ете каков лидер е Хари Мегваер“, пишуваат медиумите, пренесувајќи го незадоволството во соблекувалната на „црвените ѓаволи“.