Софија не отстапува од својата Декларација, но и Скопје од својата Резолуција. Додека историјата и јазикот, по тврдите ставови од Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија, се очекува да останат главна препрека за деблокирање на македонските евроинтеграции, властите во двете земји најавуваат враќање на довербата и исчекор, особено на економски план. Сепак и кај македонската и кај бугарската опозиција не владее оптимизам. Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов оцени дека вчерашната седница на Советот била непотребна, а неговиот наследник Кирил Петков, бил ставен во тесно.
„Вчера претседателот му ја одзеде секоја можност за маневар. Затоа што кога сите политички партии застанат зад еден став, тие дури и во Парламентот, нема како во моментот да бараат некаква реакција. Рамката каква е? Северна Македонија и Албанија треба да влезат во ЕУ. Како ќе се случи тоа? Еве го Договорот за добрососедство, веќе е напишан“, вели Бојко Борисов – поранешен премиер на Бугарија.
Откако бугарскиот претседател Румен Радев кажа дека процесот не треба да биде обврзан со рокови, денеска и мандатарот Димитар Ковачевски кажа дека е рационален оптимист кој не се обврзува со датуми. Од ВМРО-ДПМНЕ пак, се сомневаат дека ќе се постигне напредок и повикаа поактивно да се вклучи и шефот на државата.
„Од една страна го гледаме Румен Радев , кој во Бугарија за свои национални интереси, коишто нас не ни се допаѓаат, но тие тоа го прават, ги собира политичките лидери и заеднички градат став од којшто нема отстапување ни кај власта, ни кај опозицијата. Од друга страна Пендаровски го немаме видено од Нова Година, па наваму“, рече Александар Николоски – ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, денеска беше објавено дека Кирил Петков нема да го посети Скопје во вторник, како што се планираше. Нов датум за средба не е закажан. Тој заврши во изолација, поради контакт со бугарскиот спикер Никола Минчев кој имал Ковид.
Лука Андреев