Петмина криминалци од бугарско потекло поднеле повеќе од 6.000 лажни барања за субвенции во Лондон. Тие живееле луксузен живот откако земале речиси 54 милиони фунти од британскиот Универзален кредитен систем, кој исплаќа месечни бенефиции, соопшти Кралската обвинителска служба (CPS).
Ѓунеш Али (33), Патрициа Панева (26), Стојан Стојанов (27), Цветка Тодорова (52) и Галина Николова (38) ваделе пари користејќи куп лажни идентитети, што претставува најголема измама со бенефиции во Англија и Велс досега. При секое барање доставувале различен број на мобилен телефон и низа лажни документи, како што се договори за закуп, фалсификувани ливчиња, фалсификувани писма од општи лекари, сопственици и вработени.
Доколку им било одбиено барањето се обидувале повторно се додека надлежните институции не го прифатат. Во некои случаи, користени се вистински податоци од луѓе кои и плаќале на бандата да поднесе барања во нивно име.
Истрагата почнала кога во барањата биле забележани исти имиња и адреси. На 5 мај 2021 година, полицијата заплени повеќе од 900 дигитални уреди и пронашла 750.000 фунти во готовина скриени во ковчег под креветот за време на претресите на недвижностите и фирмите на бандата, пишува The Sun.
Властите го замрзнаа имотот на криминалците и запленија автомобили, вклучувајќи „ауди“, дизајнерска облека, накит и часовници. На мобилниот телефон на Али е пронајдена снимка на која се гледа како на подот фрла пари а ги собира една жена. На крајот му здосадува „играта“ и го фрла целото купче одеднаш.
Али избегал во Бугарија по покрената истрага, но бил екстрадиран назад во Велика Британија на 25 февруари 2023 година. Николова, Стојанов, Тодорова, Али и Панева се изјаснија за виновни пред судот во Вуд Грин, а казните треба да им бидат изречени следниот месец.
Бен Рид, обвинител во Управата за економски, организиран и меѓународен криминал, изјави дека станува збор за многу сериозен напад врз британскиот систем за помош.
„Кога се оди по патот низ Вуд Грин, се забележува продавница на аголот и сè навидум изгледа легитимно. Кога ќе се влезе низ вратата таму има полици со храна и пијалоци. Но во задниот дел имаше дополнителни соби со маси и компјутери. Бандата изнесе илјадници лажни барања од тие соби“, додаде Рид.
Г. Т.