Бугарите по петти пат во рок од две години утре ќе гласаат на парламентарни избори. Последните анкети покажуваат многу тесна разлика, помала од еден процент, на проевропските партии – Продолжуваме со промената на Кирил Петков и ГЕРБ на Бојко Борисов. Дописничката на БТА од Скопје, Маринела Величкова за Алсат вели дека овојпат кај двете водечки партии постои силна волја да се формира редовна политичка Влада. Прашањето за евентуалната коалиција меѓу доскорешните лути ривали се покрена откако Борисов најави дека би се откажал од желбата да седне во премиерската фотелја.

Advertisements

„Тоа е еден од условите на партиите „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“ – Борисов да не биде дел од евентуална заедничка Влада. Дали тоа ќе се случи ќе видиме. Дали ќе се тргне кон малцинска Влада, во зависност од тоа дали ПП и ДБ ќе имаат најмногу гласови, поддржана од ГЕРБ јавно или не, или пак ќе се тргне кон заедничка коалиција. Тоа претстои да видиме и тоа зависи од простата математика во Парламентот“, рече Маринела Величкова – новинар на БТА.

Според Величкова сите калкулации зависат од излезноста, која ќе определи и колку вкупно партии ќе влезат во Собранието и ќе го надминат четирипроцентниот изборен праг. Таа вели дека предизборната кампања е сензибилизирана, но сепак Бугарите се изморени од гласање. Една од водечките теми е Украина.

„Огромна улога има она што се случува во Украина и голем дел од предизборната кампања е поврзана со она што се случува во Украина и со бугарскиот став по ова прашање. Голем дел од енергијата во предизборната кампања се однесува и на економската ситуација“, додаде таа.

Последните податоци на агенцијата Галуп покажуваат предност на коалицијата на Петков со 26,9%, а следува партијата ГЕРБ на Борисов со 26,5%. Третото место го делат партијата ДПС, но и проруската „Преродба“ на Костадин Костадинов со поддршка од по 13 проценти. Анкетите покажуваат дека во Собранието сигурно влегува и Бугарската социјалистичка партија која силно оспоруваше воена помош за Украина./Алсат.мк

Лука Андреев