Партијата на премиерот Кирил Петков за утре во 14 часот повторно ја свика Комисијата за надворешна политика, откако Собранието денеска не расправаше и ѝ ја префрли топката на бугарската Влада за одлуката за кревање на ветото за Македонија. Со ова одговорот на официјална Софија за францускиот предлог заглави во институционален ќорсокак. Петков вели дека нема да дозволи да успеат политичките игри на Борисов.

Advertisements

„Тие нема да ме натераат да си го прегазам зборот даден кон бугарскиот народ дека ова решение ќе биде земено во Народното Собрание. Претходно велеа „зошто премиерот се обидува сам да го земе ова решение“, а сега кога е во Народното Собрание велат „зошто решението не се зема во Владата“. Оваа политичка игра, за вака одговорна кауза, е целосно неодговорна“, изјави Кирил Петков – премиер на Бугарија.
По барање на пратениците од опозицијата Комисијата за надворешна политика денеска не расправаше за блокадата на македонските евроинтеграции.
Префрлањето на одговорност меѓу институциите започна откако екс-премиерот и претседател на ГЕРБ, Бојко Борисов, рече дека ќе даде поддршка за францускиот предлог, но прво да се изјасни Петков.

„Ако сепак се осмели овој плашливец и лажго, кој до вчера само лажеше и само објаснуваше колку не му е страв, но ако се охрабри ќе има 59 пратеници за поддршка за давање зелено светло на Северна Македонија и Албанија“, рече Бојко Борисов – претседател на ГЕРБ.
На иста линија со Борисов е и бугарскиот претседател Румен Радев. И тој повика прво на став од Владата, кој потоа би бил потврден и од пратениците.

„Ги повикувам одговорните институции да започнат да ги додаваат параметрите кои недостасуваат во тој билатерален Протокол, затоа што ако тој не биде прецизиран самата преговарачка рамка ќе ја загуби смислата. Затоа повикувам Владата да не се крие зад Собранието и да има јасни и одговорни решенија“, рече Румен Радев – претседател на Бугарија.

За да одговори на претходните критики од опозицијата дека еднострано ќе го кревал ветото, Петков одлучи Собранието да одлучува за францускиот предлог и дека тој со таквиот став утре ќе патува за Брисел, каде ќе учествува на јунскиот Самит на ЕУ./Alsat.mk

Лука Андреев