Европската унија ќе ја саботира унгарската економија доколку Будимпешта ја блокира новата помош за Украина на самитот оваа недела, објави во неделата Фајненшл тајмс според доверливиот план изготвен од Брисел, пренесува Ројтерс.
Брисел ја претстави стратегијата за експлицитно да ги таргетира економските слабости на Унгарија, да ја загрози нејзината валута и да доведе до колапс на довербата на инвеститорите во обид да им наштети на „работните места и растот“ доколку Будимпешта одбие да го укине своето вето за помошта за Кијив, објави весникот, цитирајќи документ составен од официјални претставници на ЕУ.
Озлогласен по многуте жестоки расправии со ЕУ за време на неговите 13 години на власт, унгарскиот премиер Виктор Орбан стана гласен критичар на поддршката на блокот за Украина и се пофали со своите врски со Кремљ откако Русија ја започна целосната неиспровоцирана воена агресија врз Украина во февруари 2022 година.
Во документот во кој имаше увид ФТ се вели дека „во случај да нема договор на [самитот] на 1 февруари, другите шефови на држави и влади јавно би изјавиле дека во светлината на неконструктивното однесување на унгарскиот премиер..„ тие не можат да замислат дека средствата на ЕУ ќе и бидат обезбедени на Будимпешта“.
Унгарскиот министер за ЕУ, Јанош Бока, изјави за весникот Будимпешта дека не бил свесен за финансиската закана, но дека земјата „не попушта под притисокот“.
Подготви: Д. Мишев