Властите во Софија велат дека делото против Борисов и другите осомничени е покренато по пријава на бизнисменот Васил Бошков за рекет тежок 30 милиони евра. Бугарските медиуми овој настан го поврзаа со фотографиите од домот на Борисов, објавени пред околу две години, на кои можеа да се забележат оружје и голема сума во кеш во неговата спална соба. Премиерот Кирил Петков, порача дека никој не е над законите и го обвини бугарското обвинителство дека досега не преземало дејства.

Advertisements

„Додека европското Обвинителство прави проверки, време е бугарското Обвинителство да си ја работи работата и да застане на страна на народот. Мислам дека сите знаеме оти има пријави кои очигледно Обвинителството не ги разгледува. Еве, сега се надевам дека тие конечно ќе сознаат каква е нивната улога“, рече Петков.

Актуелниот шеф на бугарското Обвинителство, Иван Гешев, важи за близок човек на Борисов. Бизнисменот Бошков, после чиј исказ бил започнат предметот рече дека софиските обвинители не преземале ништо, па оттаму тој го контактирал европското Обвинителство. Апсењето на Борисов коинцидираше со вчерашната посета на Софија на главната европска обвинителка Лаура Ќовеши.

„Владата ќе биде контактна точка со европското Обвинителство и тоа е јасен сигнал за силен ангажман на највисоко ниво. Тоа е во согласност со тоа што се обидува да го постигне европското Обвинителство во сите земји-членки“, рече Ќовеши.

Од партијата на Борисов обвинија дека случајот претставува класична репресија кон политичките опоненти.

„Новата власт, зад насмевката, сега си го покажа вистинското лице, одмаздувачко и покажува заби“, изјави Томислав Дончев – функционер во партијата ГЕРБ.

Приврзаници на ГЕРБ денеска протестираа пред Владата барајќи оставка. Овој случај предизвика немири и меѓу пратениците во Собранието.

Борисов е приведен во времетраење од 24 часа, по што вечерва ќе се знае дали евентуално ќе биде побаран притвор или покренато обвинение.

Лука Андреев