Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) ја потврди смртта на 21-годишниот Мајкл Глос, син на заменик-директорката на ЦИА за дигитални иновации, Џулијан Галина Глос, објави „NBC News“.
Според медиумските извештаи, Глос се приклучил на руската армија и бил убиен за време на борбените операции во Украина.
„ЦИА ја смета смртта на Мајкл за приватна семејна работа на семејството Глос, а не за прашање од национална безбедност“, рече портпаролот.
Порталот „Important Stories“ беше првиот што објави за смртта на Глос, повикувајќи се на руски извори и профилите на починатиот на социјалните мрежи. На својата страница на ВКонтакте, Глос објави фотографии од Црвениот плоштад и изрази сочувство кон руската војска, нарекувајќи ја украинската армија „корумпирана“, а западните медиуми „пропаганда“.
ЦИА официјално ја потврди смртта, но не прецизираше на чија страна синот на функционерката учествувал во борбите. Во соопштението за медиумите се наведува дека семејството доживеало голема лична трагедија и побарало да се почитува нивната приватност.
„Патување во Источна Европа“
Во официјалниот некролог, семејството навело дека Мајкл починал „додека патувал во Источна Европа“, без да ја спомене Русија или војната во Украина.
Според достапните информации, Мајкл Глос е син на Џулијан Галина Глос, заменик-директорка на ЦИА за дигитални иновации, и Лари Глос, ветеран од војната во Ирак кој работи на развој на софтвер за американската војска и НАТО.
Медиумите известуваат дека Мајкл бил пацифист, протестирал против забраната за абортус и се залагал за заштита на климата. Пред да дојде во Русија во 2023 година, тој патувал низ Европа и на социјалните мрежи се опишувал како антифашист, еколошки активист и борец за правата на жените. Тој објавуваше теории на заговор за Украина и веруваше дека НАТО е основано од нацистите.
Текстот Борејќи се за Русите загина син на заменик-директорка на ЦИА е превземен од МАКФАКС.