Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел денеска најави дека на европските министри учесници на заседанието на Советот за надворешни работи ќе им предложи режимот на санкции на Унијата воведни поради непочитување на човековите права да биде именуван по името на починатиот руски опозициски лидер Андреј Навални, јавува новинската агенција МИА.
Борел најави дека на заседанието на Советот ќе присуствува и сопругата на Навални, Јулија Навалнија, која ќе упати политичка порака за тоа како да се поддржи опозицијата во Русија против режимот на претседателот Владимир Путин.
– За време на викендов многу луѓе демонстрирана на улиците на Русија, во Санкт Петербург и Москва против репресијата. Многу од нив се приведени и осудени и ние мора да им изразиме политичка поддршка, изјави Борел пред почетокот на заседанито на Советот.
Тој додаде дека покрај за поддршката на руската опозиција во нивната борба за слобода, на заседанието ќе стане збор и за политичката и воената поддршка на ЕУ за Украина во пресрет на двегодишнината од почетокот на руската агресија врз земјата, како и за случувањата на Блискиот Исток.
Борел потенцира дека засега во рамките на ЕУ не постои единство во однос на ставот за повик кон Израел за воздржување од воена операција во Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, во услови кога 1,7 милиони луѓе се натиснати на египетската граница и се наоѓаат на улиците на градот, при што секој напад би предизвикал загуби на многу човечки животи.
– Единствено начин е ослободување на заложниците и траен прекин на огнот, што ќе овозможи да се бара политична решение, додаде Борел.
На новинарско прашање дали ЕУ планира да ја признае „независноста на Палестина“, Борел одговори дека признавањето на држави не е во надлежност на Унијата, туку тоа се индивидуални одлуки на земјите членки и дека некои од нив веќе и го сториле тоа.
Тој додаде дека на Советот за надворешни работи на ЕУ ќе присуствува и високата координаторка на Обединетите нации за хуманитарна помош и реконструкција за Газа, Сигрид Кааг, која ќе има неформална размена со европските министри за состојбата на теренот, а шефовите на дипломатиите ќе и за случувањата во Сахел и за ангажманот на ЕУ во овој африканскиот регион.