Британската полиција соопшти дека три лица се пронајдени мртви во централниот англиски град Нотингем, а еден маж е уапсен под сомнение за убиство, откако се обидел да прегази уште три лица со комбе.
Полицијата соопшти дека две лица биле пронајдени мртви на пат во центарот на градот нешто по 4 часот наутро, пред полицајците да бидат известени за друг инцидент веднаш надвор од градот кога комбе се обидело да прегази три лица. Тие се префрлени на лекување во болница.
Уште еден маж бил пронајден мртов на друг пат пред центарот на градот.
Неколку патишта се затворени, а локалната трамвајска мрежа е суспендирана во Нотингем додека полицијата се справува со инцидентот. Уапсен е 31-годишен маж.
Началникот на тамошната полиција Кејт Мејнел изјави дека се работи за инцидент кој однел животи на три лица.
„Сметаме дека сите три инциденти се поврзани и дека лицето кое ги сторило е во притвор. Оваа истрага е во рана фаза и тим детективи работи на утврдување што точно се случило. Ги молиме граѓаните за трпение додека траат истрагите. Досега многу патишта во градот се затворени и ќе останат затворени додека трае истрагата“, рече таа.