Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот на Доналд Трамп, Илон Маск, влегоа во остар конфликт со полскиот министер за надворешни работи, Радослав Сикорски, обвинувајќи го дека треба да биде „тивок и благодарен“ што Русија не е на границите на Полска, објави Вашингтон Тајмс.

Вербалната пресметка започна со објава на Маск на платформата Икс, во која тој нагласи дека неговиот систем „Старлинк“ е од клучно значење за украинската армија.

„Буквално го предизвикав Путин на физичка пресметка еден на еден околу Украина, а мојот систем ‘Старлинк’ е столбот на украинската војска. Целата нивна линија на фронтот ќе колабира ако го исклучам“, напиша Маск.

Полскиот министер Сикорски одговори со тврдење дека Полска плаќа околу 50 милиони долари за пристапот на Украина до „Старлинк“ и дека тие средства може да бидат пренасочени на друго место.

 

„Оставајќи ја настрана етиката за заканување на жртвата на агресија, доколку ‘Спејс Икс’ се покаже како несигурен давател на услуги, ќе бидеме принудени да бараме други добавувачи“, напиша Сикорски.

 

Рубио веднаш го нападна полскиот министер, обвинувајќи го за фабрикување факти.

„Никој не се закануваше дека ќе го прекине ‘Старлинк’ за Украина. И кажете благодарам, бидејќи без ‘Старлинк’ Украина одамна ќе ја изгубеше оваа војна и Русите сега ќе беа на границата со Полска“, порача Рубио.

На крајот, Маск возврати со уште подиректен одговор:

„Нема замена за ‘Старлинк’… Биди мирен, мало човече. Плаќаш само мал дел од трошоците“, напиша Маск на Икс.

Ситуацијата предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, а тензиите околу улогата на „Старлинк“ во украинскиот конфликт продолжуваат да се продлабочуваат.

Текстот „Биди мирен, мало човече“: Маск и Рубио во кавга со полскиот министер за надворешни работи е превземен од МАКФАКС.