Поранешниот албански претседател и експремиер, Сали Бериша, актуелен лидер на побројното крило на опозициската Демократска партија, денеска ја анализираше посетата на косовскиот премиер Албин Курти на Северна Македонија и реакциите што следеа и од официјално Скопје, јавија акбанските медиуми.
Реакцијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски, Бериша ја нарекува избрзана изјава која повредува.
– Бесполезните протоколарни судири за оваа посета со официјалните македонски власти потекнуваат од антиисториското усогласување на Скопје и официјална Тирана во трилатерален сојуз со Белград, во „Српско-рускиот проект-отворен Балкан“ со кој Курти не се согласува и ја има неоспорната заслуга на спротивставување, а наместо тоа дава поддршка на берлинскиот процес. Мислам дека продолжувањето на поддршката на Отворен Балкан е продолжување на понатамошната поделба што ја донесе српско-рускиот проект Отворен Балкан и треба сериозно да се разгледа од властите на Северна Македонија, бидејќи главните жртви на големосрбизмот во регионот би биле Албанците и Македонците, смета Бериша.