Официјален Берлин ја поддржува идејата за постепено интегрирање во Европската Унија на земјите-кандидатки пред тие формално да се зачленат. Според германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, сега има консензус кај членките за процесот на проширување, а тоа треба да се случи зашто, како што вели, Русија се однесува империјалистички и сака да ги дестабилизира Украина, Молдавија и Западен Балкан. Бербок истакна дека ветувањата за членство единствено предизвикуваат фрустрации кај кандидатите.
„Ако не сакаме нашето соседство да се претвори во сива зона, тогаш треба да ги седнеме овие луѓе на нашата маса веднаш. Но подеднакво треба да биде јасно дека кога зборуваме за интеграција чекор по чекор, тоа не значи само користење на придобивките. Владеењето на правото и демократијата секогаш ќе бидат столбот на Европската Унија“, рече Бербок.
Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, Македонија е пример кој ги отсликува слабостите на процесот на проширување на Европската Унија. Тој побара придобивки за време на пристапувањето што ќе ги почувствуваат граѓаните, меѓу кои и пристап до фондовите. Сепак, порача овој начин на постепена интеграција да не прерасне во алтернатива за полноправно членство.
„Земјите-кандидатки, како што исполнуваат одредени критериуми така треба и да стануваат дел од Европската Унија, пред самото зачленување. Тоа значи дека ако Северна Македонија стопроцентно е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и со визниот режим, зошто тогаш јас не седам на масата на Советот на министри за надворешни работи како набљудувач, без право на глас. Јас ќе го учам процесот по патот, а вие ќе научите кој сум јас“, рече Османи.
Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон истакна дека е време да се покаже заложбата на кандидатките за зачленувањето, но и заложбата на ЕУ да прими нови членки.
„Да им дадеме поттик на земјите што сакаат да ни се приклучат за навистина да бидат подготвени. Да гледаме напред, зашто мора да се искористи политичкиот моментум за проширување до 2030 година“, рече Фајон.
Ставовите беа изнесени во Берлин на дебатата „Поголема и посилна Унија“ во организација на германската дипломатија. На неа присуствуваше и украинскиот министер Дмитро Кулеба кој побара внатрешната реформа на Унијата да не се користи како образложение за одолговлекување на процесот на проширување.
Лука Андреев