Белорусија почна да распоредува тенкови долж границата со Украина, соопшти белоруското Министерство за одбрана, по информациите дека Белорусија соборила неколку украински беспилотни летала во нејзиниот воздушен простор, јави ДПА.
МО објави видео на Телеграм на кое се гледа како тенкови се товарат на товарни вагони. Единиците се подготвени да ги извршуваат наредбите, се додава во соопштението.
Информацијата беше објавена откако белорускиот лидер Александар Лукашенко нареди засилување за војниците во југоисточниот дел на земјата, долж границата со Украина, во регионот Гомел и Мозир, за да можат да реагираат на потенцијалните провокации од соседната земја.
Лукашенко денеска изјави дека белоруската ПВО е ставена во целосна готовност по наводното навлегување на 10 украински беспилотни летала во Источна Белорусија, во регионот Костјуковичи.
Според него, Белорусија соборила неколку од украинските дронови. Белоруските државни медиуми објавија дека белорускиот воздушен простор бил нарушен во петокот.
Белоруското Министерство за надворешни работи соопшти дека повредата на воздушниот простор е „опасен обид за проширување на сегашната зона на конфликт во нашиот регион“. /МИА