Белгија објави дека ги заострува ограничувањата поради зголемувањето на бројот на заразени со сојот омикрон, но нема да се воведе целосен карантин како во соседна Холандија.
Белгиските власти одлучија да ги затворат кината, театрите и концертните сали и да ги забранат активностите во затворените простории. Навивачите нема да можат да одат на стадиони и во затворени сали. Купувањето е исто така ограничено, односно посетителите мора да бидат на растојание и во продавница можат да влезат најмногу двајца возрасни кои може да носат и деца.
Баровите и рестораните можат да бидат отворени до 23 часот со одредени ограничувања.
Новите мерки стапуваат во сила в недела.
Белгискиот премиер Александар де Кро рече дека има причини за загриженост, дека земјата се соочува со омикрон за кој се знае дека брзо се шири.
Шпанија повторно воведе задолжително носење маска на отворено поради порастот на бројот на случаи со ковид-19.
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска свика специјален владин состанок на кој оваа мерка ќе се донесе со декрет. Премиерот, исто така, најави голем број други мерки, вклучително и можност за распоредување војници за да им се помогне на шпанските региони да ја забрзаат вакцинацијата, а исто така за пациентите ќе бидат ставени на располагање и креветите во воената болница, доколку е потребно.
Санчез рече дека неговата цел, меѓу другото, е 80 отсто од возрасната група од 60 до 69 години да добијат трета доза од антиковд-вакцина до крајот на следната недела.
Луѓето кои се целосно вакцинирани нема да мора да одат во карантин доколку биле во контакт со заразено лице, што се чини дека е мерка дизајнирана да се избегне недостатокот на неопходен персонал.