Владата на Белгија в среда ќе решава дали да ја поддржи кандидатурата на еврокомесарот за правда, Белгиецот Дидие Рејндерс за нов генерален секретар на Советот на Европа, објави белгискиот весник „Либер“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова не е прв обид на Рејндерс за заземање на водечката функција во Советот на Европа. Тој за оваа позиција се кандидираше и во 2019 година, кога беше белгиски вицепремиер и министер за надворешни работи и одбрана, но при гласањето беше поразен од актуелната генерална секретарка на Советот на Европа и тогашна шефица на хрватската дипломатија Марија Пејчиновиќ Буриќ, со резултат 159 наспроти 105 гласа.
Најавата за кандидатурата на Рејндерс доаѓа откако неговиот сопартиец од белгиското либерално Реформско движење (МР) и претседател на Советот на ЕУ, Шарл Мишел во саботата соопшти дека ќе биде носител на партиската листа за изборите за членови на Европскиот парламент во јуни. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека МР би освоила двајца европратеници, што ги намалува шансите на Рејндерс да добие место во Европскиот парламент, а мала е веројатноста дека одново би бил и белгиски кандидат за еврокомесар. Во такви услови, 64-годишниот Рејндерс повеќе преферира да си обезбеди нова „европска функција“, отколку да се врати на белгиската политичка сцена.
Изборите за нов генерален секретар на Советот на Европа се предвидени за јуни, а сегашниот мандат на Пејчиновиќ Буриќ истекува во септември годинава, кога Рејндерс се уште би бил член на актуелната Европска комисија, чиј мандат пак завршува во октомври.
Засега не е познато дали Рејндерс ќе се повлече од Европската комисија доколку стане кандидат за генерален секретар на Советот на Европа, по примерот на некои негови актуелни и поранешни колеги еврокомесари.
Така, Марија Габриел лани во мај се повлече од функцијата еврокомесар за иновации, истражување, култура, образование и млади за да ја преземе должноста вицепремиер и министер за надворешни работи на Бугарија, а извршниот потпретседател на Европската комисија за Зелениот договор и еврокомесар за климатска акција Франс Тимерманс поднесе оставка во август за да биде кандидат за премиер и носител на изборната листа на блокот на неговата Лабуристичка партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на ноемвриските парламентарни избори во Холандија.
Извршната потпретседател на Европската комисија за Европа прилагодена за дигиталната ера и еврокомесарка за конкурентност, Данката Маргрете Вестагер ја стави својата функција во мирување во периодот од септември до декември 2023 година, додека траеше нејзината кампања за претседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ). Откако загуби во борбата за оваа функција од шпанската министерка за економија Надија Калвињо, Вестагер се врати на својата позиција во ЕК.
Во моментов во мирување е и функцијата на еврокомесарката за меѓународни партнерства Јута Урпилаинен, која е кандидат за претседател на Финска на изборите закажани за 28 јануари. Доколку не стане шефица на финската држава, што според анкетите на јавното мислење е многу веројатно, се очекува Урпилаинен да се врати на својата должност во ЕУ уште на крајот од месецов.