Вработените членови на Синдикатот за образование на Србија денеска ќе одржат предупредувачки штрајк, така што нема да се одржи првиот час во прва и во втора смена во училиштата.
Во соопштението на Синдикатот се наведува дека барањето на штрајкувачите е српската влада да почне да го применува Законот за плати на вработените во јавниот сектор од 1 јануари 2022 година. Доколку не почне примената на тој закон, за сите вработени во образованието платите да бидат зголемени за 15 отсто.
Синдикатот за образование на Србија бара и изедначување на цената на трудот за сите дејности во образованието, формирање паралелки со помал број ученици во основните и во средните училишта, како и стручни соработници и ненаставен кадар финансиран сразмерно на број на часови.
„Вработените во образованието речиси две години работат во тешки пандемиски услови и го одржуваат образовниот процес во вонредни околности. Не е познат бројот на болни вработени и ученици, а Владата и Министерството за образование, наука и технолошки развој се глуви на апелите на синдикатот дека просветните работници се материјално и професионално понижени“, се вели во соопштението.