Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е разочаран што Кина и Русија допрва треба да преземат нови заложби за намалување на нивните емисии на стакленички гасови, бидејќи САД пристигнуваат на големиот самит за климата со, како што вели неговата администрација, силни нови цели.
Тие вклучуваат збир на нови обврски на САД за климата кои се надоврзуваат на претходните глобални договори; објавувањето на итниот план на претседателот за адаптација и отпорност од 3 милијарди долари; и збир домашно фокусирано законодавство кое има за цел да ја зајакне американската инфраструктура, а истовремено да го намали загадувањето со стакленички гасови за многу повеќе од еден гигатон во 2030 година. Легислативата е во американскиот Конгрес веќе неколку месеци, но се уште нема согласност за нејзино изгласување.
Кина, најголемиот светски загадувач со јаглерод диоксид и други стакленички гасови кои предизвикуваат глобално затоплување, минатиот четврток објави дека нема нови значајни цели за намалување на емисиите што ја менуваат климата. Оваа земја не го ни испраќа својот шеф на државата на Конференцијата на ОН за климатски промени, во Глазгов. Во понеделникот, кинеската влада објави дека претседателот Си Џинпинг ќе се обрати на самитот само во форма на писмена изјава.
Бајден доцна во неделата рече дека смета дека е „разочарувачки“ што Кина и Русија не преземале никакви нови обврски за климата.
„Разочарувањето се однесува на фактот дека Русија и не само Русија, туку и Кина, во основа не ги исполнија обврските за справување со климатските промени“, рече Бајден. „И има причина зошто луѓето треба да бидат разочарани од тоа. Сфатив дека тоа е разочарувачко“ додаде тој.
Овогодинешниот самит се надоврзува на правно обврзувачкиот договор што 196 страни – вклучувајќи ги САД, Русија и Кина – го потпишаа во 2015 година во Париз. Меѓународниот договор ги обврзува тие земји да започнат со намалувања на емисиите на штетни гасови и има за цел да го ограничи затоплувањето на планетата до 1,5 степени Целзиусови.
Соединетите Американски Држави претходно се колебаа за своите обврски за климата, при што поранешниот претседател Доналд Трамп во 2017 година објави дека ги повлекува САД од Парискиот договор. Таа одлука стапи во сила во ноември 2020 година, но Бајден повторно се приклучи на договорот уште на неговиот прв ден по стапувањето на функцијата.