Американскиот претседател Џо Бајден денеска нагласи дека „не е изненаден“, туку „огорчен“ по информациите за смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални.
„Путин е одговорен за смртта на Навални…Тој храбро се спротивстави на корупцијата, насилството и сите лоши работи што ги правеше владата на Путин“, потенцира Бајден во изјава од Белата куќа.
„Не правете грешка, Путин е одговорен за смртта на Навални…Она што се случи е уште еден доказ за бруталноста на Путин. Никој не треба да се залажува. Ниту во Русија, ниту дома, ниту каде било во светот“.
САД се уште не знаат „што точно се случило“ со Навални, додаде Бајден.
Бајден додаде дека извештаите за смртта на опозиционер Алексеј Навални треба да ги поттикнат САД да обезбедат финансирање за војната на Украина против Русија.
„САД мора да „обезбедат финансирање за Украина да продолжи да се брани“, рече претседателот во изјавата од Белата куќа, часови откако руската затворска служба објави за смртта на Навални.
Американската потпретседателка Камала Харис изјави дека доколку се потврдат извештаите за смртта на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални во казнена колонија на Арктикот, тоа ќе биде уште еден знак за бруталноста на рускиот претседател Владимир Путин. Изјавата ја даде на Минхенската безбедносна конференција.
Таа изрази скептицизам за официјалното објаснување на Москва дека Навални паднал во несвест и починал по прошетката во затворот.
„Да бидеме јасни, Русија е одговорна“, нагласи Харис, додавајќи дека доколку се потврдат информациите за смртта на опозиционерот, тоа ќе биде „уште еден знак за бруталноста на Путин“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека ако извештаите за смртта на Навални се вистинити, тоа ја истакнува „гнилоста и слабоста“ на Русија.