Американскиот претседател Џо Бајден изјави синоќа дека очекува Иран да го нападне Израел „порано отколку подоцна“ и го предупреди Техеран да не го прави тоа, пренессува Би Би Си.
На прашање на новинарите дали има порака за Иран, Бајден едноставно одговори: „Немојте!“.
„Ние сме посветени на одбраната на Израел. Ќе го поддржиме Израел. Ќе помогнеме во одбраната на Израел и Иран нема да успее“, истакна Бајден.
Тој додаде дека нема да открива безбедносни информации, но рече дека нападот може да се случи „порано отколку подоцна“.
Израел вчера се подготвуваше за напад од Иран или од неговите сојузници како одмазда за нападот врз иранската амбасада во Дамаск минатата недела, во кој загина висок командант на иранската Револуционерна гарда и шест други офицери.
Земјите како што се Индија, Франција, Полска и Русија ги предупредија своите граѓани да не патуваат во регионот, каде што е веќе тензично поради седуммесечната војна во Газа. Германија ги повика своите граѓани да го напуштат Иран.
Израел не ја презеде одговорноста за воздушниот напад на иранската амбасада на 1 април, но иранскиот врховен лидер Али Хамнеи истакна дека „Израел мора да биде казнет и ќе биде казнет“ за операцијата.
Г. Т.