Актуелниот претседател на Барселона, Жоан Лапорта скоро секоја недела ја потсетува јавноста во каква катастрофална ситуација неговиот претходник Хосеп Марија Бартомеу го остави клубот.
Ревизорската компанија изјави бруто долг од една милијарда и 350 милиони евра, што доведе до непотпишување нов договор со Лионел Меси кој од оваа сезона игра за ПСЖ. Но, Бартомеу смета дека клубот не е во катастрофална состојба. Последната информација која ги разочара навивачите се однесуваше на несфатливо високите бонуси што најискусните и најплатените играчи ги заработија од банални причини и достигнувања кои беа само формалност за нив.
Акцентот е пред сè на двајца неименувани играчи, кои заработуваат бонуси, на пример, само доколку одиграат половина од натпреварите во сезоната, иако се носители на играта, а со тоа и редовни стартери. Во тој поглед, им се гарантира неверојатен бонус од 11,5 милиони евра, а одлични 1,2 милион само за влез на Барселона во групната фаза од Лигата на шампионите, што е рутина за Каталонците. Исто така ќе добијат 3,5 милиони доколку Барселона освои тројната круна, а дополнителни 7,5 објаснети како „лојален“ бонус.
Само за овие двајца фудбалери, доколку ги исполнат сите услови, Барселона би морала да издвои неверојатни 50 милиони евра. И покрај овие факти, Бартомеу верува дека не го напуштил клубот во катастрофална состојба.
– Прво и основно: не постои ризик од банкрот. Клубот е одржлив со сите свои ресурси. Во ред, има загуби, главно предизвикани од пандемијата, но Барселона има огромен капитал во играчи, стадиони, висока пазарна вредност.
Нашето раководство не беше толку катастрофално како што велат од УЕФА, „Ла Лига“ и ревизорите. Па според „Форбс“ ние сме највреден клуб во светот! Пандемијата доведе до пад на приходите од околу 500 милиони евра за минатата сезона, тоа е точно. Но, без нејзе, загубата би изнесувала само 50 милиони. Пандемијата не можеше да се контролира, погоди многу клубови. Ги молам членовите на клубот и навивачите да не се грижат – вели Бартомеу.
Поранешниот претседател на Каталонците се обиде да ја објасни суштината на бруто долгот, кој изнесува една милијарда и 350 милиони евра.
– Бруто долгот се состои од банкарски долг и она што им се должи на другите клубови. Трансферите се плаќаат на рати. И нам ни се должи. Затоа реалниот долг е помал. Повторувам, пандемијата имаше огромно влијание. До 14 март 2020 година, нашиот бизнис беше беспрекорен – се зборовите на Бартомеу тврдејќи дека нема лош бизнис, нема лошо управување, нема лошо наследство.
Бартомеу ја коментираше и моменталната ситуација, односно дали Роналд Куман е вистинскиот човек за Барса и дали беше правилен потег што клубот се раздели со Меси.
– Куман е подготвен, но, мора да бидете трпеливи. Тој мора да изгради тим без најдобриот играч на светот, без Меси. Има многу таленти во тимот. Времето е она што му треба на Куман. Ова лето се ослободија од Меси – тоа ми се чини како лоша одлука. Сега многу работи треба да се сменат. Како претседател, никогаш не би сакал Меси да си замине, би направил сè што можам за Лео да остане – рече Бартомеу.