Мобилните телефони на шпанскиот премиер Педро Санчез и на министерката за одбрана Маргарита Роблес биле прислушувани преку програмата „Пегасус“, покажуваат два извештаи на Националниот криптолошки центар.
Advertisements
Аферата со прислушувањето ја објави портпаролката на Владата Изабел Родригез и министерот во Владата Феликс Болањос на прес-конференцијата одржана утрово, пишува „Ел Паис“.
Владата ги анализира мобилните телефони на сите членови на извршната власт, а студијата, според министерот Боланос, се уште не е завршена.
„Кога велиме надворешни упади, сакаме да кажеме дека ниту една официјална агенција нема правосудна надлежност. Затоа ги класифицираме како нелегални и надворешни“, рече Болањос.
Повикувајќи се на извештаи од Националниот центар за криптологија, тој рече дека два упади во мобилниот телефон на премиерот се случиле во мај 2021 година, а во мобилниот телефон на министерот за одбрана во јуни 2021 година.
„Знаеме дека нема последователни ‘интервенции’ од тие датуми, нема докази за нов упад. Еден од заклучоците донесени од владата е зајакнување на безбедносните системи. Ќе ги ставиме на располагање сите знаења и капацитети на централната власт до регионалните влади и парламенти“, прецизираше министерот.
Според весникот, програмата Пегасус, теоретски, се продава само на влади и официјални агенции. Хакерите извлекле голем број информации од телефонот на шефот на владата: 2,6 гигабајти во првиот упад и 130 мегабајти во вториот.
„Пленот“ од мобилниот на министерот за одбрана е многу помал – 9 мегабајти.
Но, Владата се уште не знае какви информации се украдени, ниту степенот на чувствителност, но во двата случаи тоа се нивните деловни телефони, а не приватни.