Аукциската куќа Цолман од Ерусалим ја згрози јавноста во Израел откако го стави на продажба комплетот за одбележување на Евреите заробени, а подоцна и убиени во озлогласениот нацистички логор Аушвиц во Полска, за време на Втората светска војна.
Евреите биле означени со бројки, а оние кои ги преживеале ужасите на логорот цел живот ги носеле тетоважите со нивните броеви на рацете.
Како што пренесува Би-Би-Си, сопственикот Меир Цолман, се бранел дека предметот го ставил на аукција за да ја подигне свеста за холокаустот.
– Јас сум последниот човек на светот кој би ја потценил или поништил важноста на холокаустот. Само сакав да го доведам овој случај во вистински раце наместо да исчезне низ буништата на историјата, изјавил тој за локалните медиуми.
Комплетот се состои од 14 „печати“ и брошура со упатства за нивна употреба, која е напишана во фабриката „Аескулап“ која ја произвела оваа „алатка“. Аукциската куќа наведува дека тоа е еден од трите комплети за тетоважи за кои се знае дека сè уште постојат. Едниот наводно се наоѓа во музеј во Русија, а другиот во Аушвиц.
Почетната цена била само десет долари, а цената на комплетот сега, во пресрет на аукцијата што треба да се одржи на 9 ноември, е 3.200 долари. Организаторите проценуваат дека комплетот на крајот би можел да се продаде за околу 30.000 до 40.000 долари.
Би-Би-Си потсетува дека за време на режимот на Хитлер, најмалку шест милиони Евреи биле убиени ширум Европа, а повеќето од нив морале да бидат етикетирани со овие страшни бројки. Затоа, не е изненадувачки што верските и политичките водачи ја осудија оваа продажба.
Дани Дајан, водач на Националниот споменик Јад Јашем во Израел, рече дека институцијата силно се противи на комерцијализација на предмети од еврејската или нацистичката ера на холокаустот, истакнувајќи дека „алчноста на трговците со луѓе“ служи само да ги охрабри другите да се вклучат во овој вид активност.
Лидерот на Европската заедница на Евреите, рабинот Менахем Марголин, во писмо до израелскиот министер за правда, повика на итен прекин на оваа, како што ја нарекол – „одвратна продажба“.