Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж победи во првата фаза од неговиот обид да поднесе жалба до британскиот Врховен суд на одлуката за негова екстрадиција во САД. Вашингтон сака да му се суди на Асанж во врска со објавувањето на 500.000 тајни воени досиеја од Викиликс поврзани со војните во Ирак и Авганистан.
Високиот суд во Лондон во декември ја поништи пресудата на понискиот суд да не го испраќа 50-годишниот Австралиец во САД со образложение дека тој има ризик од самоубиство. Адвокатите на Асанж потоа ја оспорија пресудата, тврдејќи дека највисокиот суд во земјата треба да одлучува за „правните точки од општо јавно значење“.
„Апликацијата на тужениот за потврдување на правна точка е одобрена“, велат судиите Иан Бурнет и Тимоти Холројд во писмената одлука.