Во првите 82 дена од мојот мандат, преку програмата за модерно Скопје со сите 15+1 проекти и мојот 82 акционен план ќе ги исчистиме дивите депонии во градот. Ќе го промениме линискиот ред на градскиот сообраќај каде ќе се обезбедат помали временски интервали за автобусите и продолжување на линиите до заборавените места, а редовни ноќни линии ќе бидат воведени, посебно за време на викендот, истакна на денешната прес-конференција независната кандидатка на Град Скопје, Данела Арсовска.
Таа вети дека следно е отворање на телефонска линија за барања и помош на граѓаните, а како што кажа, ќе се формира и Зелениот градски совет во соработка со невладиниот сектор.
– Водно преку иницирање предлог закон ќе биде прогласена за заштитена парк шума. За граѓаните ќе биде воведена 24 часовна канцелариска служба и служба за брза реакција на нивен повик. Одбројувачите на секундите и зелените бранови на семафорите во градот ќе бидат вратени во функција. За лицата со попреченост ќе бидат обезбедени пристапни рампи во сите градски институции, посочи таа.
Дополни дека во соработка со Антикорупциска комисија ќе спроведат процес на ветинг на директорите на јавни институции под градот и раководителите на сектори. Ќе се ревидира и прилагоди проценката на данок на имот. Предвидено е и формирање Совет за поддршка на жени претприемачи.
– Цените за паркинзите кои се под надлежност на град Скопје ќе бидат намалени до 25 отсто. Тимови од градот ќе направат проценка на состојбата со заборавените населби во градот и ќе биде изготвен акциски план за спроведување на проекти за овие населби. И ова не е само изборно ветување, ова е моја обврска кон вас, изјави независната кандидатка за градоначалник на Скопје, која се обврза на реализација овие проекти во првите 82 дена од нејзиниот мандат.
Посочи дека времето за промени е дојдено, со оглед на многуте недостатоци и проблеми со кои што, според неа, се соочува Скопје и ги повика граѓаните во недела да бидат уште пообединети за една цел – современо и модерно Скопје.
– Ве повикувам сите сите вас кои сте разочарани од политика, кои никогаш не сте излегле на гласање, вие што сте изгубиле надеж, што сте гласале за власта која ве разочарала, да се обединиме, да се бориме за модерно Скопје и да ме поддржите мене во оваа битка. На чекор сме до успех за Скопје да не е повеќе политика, туку да е град со кој ќе се гордееме. Во недела вие ќе одлучите за иднината на Скопје, истакна таа.
Според Арсовска, четири години се доволно време за да се оцени дали некој знае да работи и да го оствари своето предизборно ветување и, како што кажа, до сега скопјани се сведоци само на политиканство, празни ветувања, спотови и нереални 3Д анимации.