Нашата евровизиска претставничка, Андреа Коевска, која на втората полуфинална вечер настапи со песната Circles (Кругови) на Александар Масевски, не се пласира во големото финале на 66-тиот Евросонг закажано за в сабота, 14. мај.

Advertisements

На евровизиската сцена во Пала Олимпико во Торино, во второто полуфинале настапија 18 учесници.

Од нив за настап на финалната вечер се изборија претставниците на 10 земји: Белгија, Чешка, Азербејџан, Полска, Финска, Естонија, Австралија, Шведска, Романија и српската претставничка Констракта со „In Corpore Sano“.

Од првата полуфинална вечер која се одржа на 10. мај во финалето се пласираа изведувачите од Швајцарија, Ерменија, Исланд, Литванија, Португалија, Норвешка, Грција, Украина, Молдавија и Холандија.

В сабота ќе настапат дваесетте финалисти од двете полуфинални вечери, заедно со големата петорка која директно се пласира во финалето – Германија, Франција, Британија, Шпанија и земјата домаќин, Италија.

Од Македонската радио-телевизија (МРТ) по инцидентот што се случи за време на официјалната церемонија на отворањето на Евросонг 2022, кога нашата претставничка го фрли македонското знаме, соопштија дека можно е од следната година јавниот сервис да не учествува на Изборот за песна на Евровизија.

„Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот ‘Евровизија’, што предизвикува негативен публицитет на МРТ, уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската радио-телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија“, беше наведено во соопштението./Makfax