Фармацевтските компании „трагично потфрлија“ во одговорот на предизвикот од глобалната здравствена криза предизвикана од ковид-19 и покрај итните повици да се обезбеди еднаква дистрибуција на вакцините против коронавирус, соопшти денеска „Амнести интернешнел“.
Според Амнести, фармацевтските компании кои продаваат вакцини против коронавирус ја монополизирале технологијата, лобирале против споделувањето на интелектуалната сопственост, наплатувале високи цени на вакцините и им дале приоритет на набавките на богатите земји во 2021 година.
Вкупно десет милијарди дози на вакцина произведени минатата година би биле повеќе од доволни за да се исполни целта за вакцинација на 40 проценти, што ја постави Светската здравствена организација (СЗО) за до крајот на минатата година.
Само четири отсто од оние што живеат во земји со ниски приходи биле целосно вакцинирани до крајот на минатата година.
Повеќе од 1,2 милијарди луѓе во земјите со ниски приходи можеа да бидат вакцинирани до крајот на 2021 година доколку богатите земји и производителите на вакцини ги сфатеа сериозно своите обврски и одговорности за човековите права – изјави Рајат Косла, висок директор на Амнести интернешнел задолжен за истражување, лобирање и политика.
Претходно овој месец, СЗО објави дека се потребни уште 16 милијарди долари за да им се помогне на сиромашните земји во борбата против пандемијата.
Тоа е износот што недостасува во планираните средства за снабдување на тие земји со вакцини, тестови и лекови преку програмата што ја започнаа Обединетите нации, соопшти СЗО.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.