Шведска дава безрезервна поддршка на битката на Украина за враќање на мирот и демократските вредности како и нејзиното членство во Европската унија, истакна амбасадорката на Шведска Ами Ларсон-Јаин во своето обраќање на мултимедијалната конференција под наслов „Украина – две години хероизам“, во организација на Амбасадата на Украина во соработка со македонската граѓанска организација ЦИВИЛ – Центар за слобода.
„Една демократска земја беше нападната од авторитарна држава, а таа се спротистави. Ако сакаме да живееме во мир и демократија треба и да ги браниме овие придобивки. Поддршката на Шведска кон Украина од самиот почеток е безрезервна, тоа го покажавме со повеќе пакети помош, а и најновиот што неодамна го изгласа владата на Шведска. Исто така ги поддржуваме санкциите на Европската унија кон Русија, како и можноста замрзнатите руски средства да се користат за помош кон Украина“, рече Ларсон-Јаин во својот говор на денешната конференција.
Според неа дури и во услови на војна Украина успешно работи на реформите и напредува на патот кон ЕУ.
„Добро е познато дека геополитичката ситуација наложи да се забрзаат реформите, Украинците се реформираат како животот да им зависи од тоа, што всушност е и така. Во интерес на мојата земја е сите кандидати земји да се приближат што поскоро кон членството во ЕУ., рече Ларсон-Јаин.
„Живеевме тешки времиња, Шведска ќе продолжи со помошта кон Украина, бидејќи вашата кауза е и наша кауза.“, заклучи таа.
Конференцијата се одржува денеска во Музејот на македонската борба за независност. Меѓу говорниците на конференцијата во првиот дел беа и македонскиот претседател Стево Пендаровски, Амбасадорката на Украина Лариса Дир, премиерот Талат Џафери, вицепремиерите Бојан Маричиќ, Славица Грковска, министрите Бујар Османи и Славјанка Петровска и други високи претставници на државните институции. Во втората сесија говорат дипломатските претставници на ЕУ, САД, Велика Британија, Шведска, Албанија, Чешка, Франција, Јапонија, Германија, Полска и Литванија.
Во музејот се поставени и две изложби. „Проект Украина: Доживување на војната“, електронска изложба со виртуелна реалност и „Поштенска картичка од Украина“, изложба на фотографии.
Програмата предвидува и промоција на книгата „Украина – години на хeроизмот“, од Џабир Дерала.
А. В.