Американскиот министер за одбрана Лојд Остин денеска најави нова транша од шест милијарди долари од помошта за Украина, додека Вашингтон се обидува да ги достигне залихите за Киев, откако помошта за Украина беше блокирана во американскиот Конгрес со месеци, пренесоа агенциите.
Новата транша е втора објавена оваа недела, откако во средата беше најавена помош за Кијив од милијарда долари.
Овие две суми се дел од пакетот помош од 61 милијарда долари за Кијив што конечно беше одобрен оваа недела од американскиот Конгрес и потврден со потпис на американскиот претседател Џо Бајден.
Додека помошта од една милијарда долари одобрена во средата ќе дојде од залихите на американската војска, оваа објавена денеска ќе биде обезбедена преку договори со одбранбената индустрија или со партнери. Тоа значи дека на оваа помош ќе и треба повеќе време за да стигне до бојното поле.
По потпишувањето на пакетот помош од 61 милијарда долари за Украина во средата, Бајден вети дека брзо ќе испрати многу оружје во Кијив.