Американскиот државен секретар Марко Рубио нема да учествува на разговорите во Лондон со цел да се стави крај на војната во Украина, изјави портпаролката на Стејт департментот Тами Брус.

По разговорот со својот британски колега, на социјалната мрежа Икс Рубио најави дека ќе го одложи патувањето и ќе го посети Обединетото Кралство во наредните месеци.

Разговорите ќе продолжат, а на нив ќе присуствува и пратеникот на претседателот Доналд Трамп за Украина, генералот Кит Келог, додаде тој.

Сепак, не е јасно дали неговото отсуство значи дека Трамп ги намалил очекувањата на Вашингтон за состанокот во Лондон, откако во неделата рече дека се надева оти Москва и Киев ќе постигнат договор оваа недела за ставање крај на конфликтот во Украина.

„Во овој момент, додека се уште траат состаноците во Лондон, тој нема да биде присутен. Сепак, оваа изјава не се однесува на самите состаноци, туку на логистички прашања во неговиот распоред“, изјави Брус за новинарите на редовниот брифинг. „Генералот Келог е таму и тој ќе учествува во разговорите“, додаде таа.

Одлуката уследи по предупредувањето дека САД ќе се повлечат од напорите за постигнување мировен договор меѓу Русија и Украина доколку наскоро нема јасни знаци за напредок.

Текстот Американскиот државен секретар го откажа учеството во мировните преговори за Украина е превземен од МАКФАКС.