Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет издаде интерни инструкции до Пентагон да започне со протерување на трансродовите војници кои нема да одлучат сами да заминат до 6 јуни, според меморандум до кој дошол Ројтерс.

Пентагон не одговори веднаш на барањето за коментар, а одлуката веднаш беше осудена од активистите за права на трансродовите лица. „Тоа е едноставно срамно“, рече Џенифер Леви, виш директор на про-ЛГБТК правната група GLAD Law.

„Бесмислено е да се забрзува отпуштањето од војската на луѓе кои ги исполнуваат стандардите и ги ризикуваат своите животи за да ја бранат земјата“, додаде таа.

Меморандумот на Хегсет илустрира дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп има намера брзо да дејствува за отстранување на илјадници трансродови припадници на војската, откако одлуката на Врховниот суд во вторник го отвори патот за стапување во сила на забраната.

Во меморандумот, Хегсет наведува дека трансродовите припадници на активна служба можат да аплицираат за „доброволно одвојување“ од вооружените сили на САД до 6 јуни. Војниците кои се во резервните сили имаат рок до 7 јули.

„По истекот на рокот за аплицирање, воените оддели ќе започнат процеси на присилно одвојување“, се наведува во меморандумот.

Забраната од Пентагон е само еден во низата чекори што администрацијата на Трамп ги презеде за ограничување на правата на трансродовите лица. На првиот ден од неговиот мандат, на 20 јануари, Трамп издаде извршна наредба во која се наведува дека американската влада ќе признава само два пола, машки и женски, и дека тие не можат да се менуваат.

Текстот Американската војска почнува да ги протерува трансродовите лица е превземен од МАКФАКС.