Во полициска акција Армагедон, низ цела Србија, уапсена е група од 12 педофили, поради сомнение дека сториле кривични дела прикажување, прибавување и поседување порнографски материјал и искористување малолетник за порнографија и сексуално вознемирување, јави дописникот на МИА од Белград.
Тие се осомничени во подолг временски период, преку Интернет, со користење апликации за споделување датотеки, преземале, чувале на хард дискови и делеле содржини создадени со искористување деца за порнографски цели, а исто така, преку социјалните мрежи, од нивните налози влегувале во комуникација со малолетници, испраќале фотографии и видеа од порнографски содржини и прибирале содржини кои произлегуваат од експлоатација на малолетници.
При претрес на становите на осомничените и увидот во комјутерите, пронајдени се поголема количина видео клипови и фотографии создадени со искористување малолетници за порнографски цели, содржини за сексуална експлоатација на деца на возраст од 7 до 14 години и други фотографии и видеа од експлицитна злоупотреба на деца за порнографски цели, како и пораки со сексуална содржина со кои осомничените сексуално вознемирувале деца и малолетници.
На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и со кривична пријава ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство.
Акцијата Армагедон е започната во 2010 година и во неа досега се уапсени стотици луѓе.