Францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга Брижит имаат намера да достават фотографски и научни докази до американскиот суд за да докажат дека првата дама е жена. Овој потег е дел од тужбата за клевета против десничарската американска инфлуенсерка Кандис Овенс, која ја промовираше теоријата дека Брижит Макрон е родена како маж, објави Би-Би-Си.

„Подготвени сме да направиме сè за да ја откриеме вистината“

Адвокатот на Макрон, Том Клер, изјави за подкастот „Fame Under Fire“ на Би-Би-Си дека тврдењата биле „неверојатно вознемирувачки“ за г-ѓа Макрон и „непријатни“ за францускиот претседател. „Не сакам да кажам дека го исфрлиле од рамнотежа. Но, како и секој што се обидува да ја балансира кариерата и семејниот живот, кога вашето семејство е нападнато, тоа ве исцрпува. Тој не е имун на тоа само затоа што е шеф на државата“, рече Клер.

Тој најави дека на суд ќе бидат презентирани „експертски сведоштва од научна природа“. Иако одби да даде детали, тој нагласи дека двојката е подготвена целосно да докаже дека обвинувањата се лажни. „Неверојатно е вознемирувачки да се помисли дека мора да се разоткриеш и да презентираш ваков вид докази. Тоа е процес низ кој таа ќе мора да помине на многу јавен начин, но е подготвена да го стори тоа. Таа е решена да направи сè што е потребно за да се среди ситуацијата“, додаде адвокатот.

На прашањето дали би доставила фотографии од бремената Брижит Макрон до судот, Клер потврди дека тие постојат и дека ќе бидат презентирани на суд. „Ако срамот и непријатноста што ги чувствува поради тоа што е толку отворена за ова е цената за да се спречи ова, таа е 100% подготвена да го понесе тој товар“, заклучи тој.

Кандис Овенс, поранешна колумнистка за конзервативниот „Дејли Вајр“ со милиони следбеници, постојано ја промовираше теоријата дека Брижит Макрон е трансродова. Во март 2024 година, таа рече дека е подготвена да го стави „целиот свој професионален углед“ на коцка поради тврдењето, пишуваат медиумите.

Фото: принтскрин

Текстот Адвокат на Макрон: Парот ќе покаже на суд научни докази дека Брижит е жена е превземен од МАКФАКС.