Австралискиот премиер повика да престане кривичното гонење на Асанж

Австралискиот премиер Ентони Албанезе денеска повика да се стави крај на затворањето и гонењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, откако му беше одобрена нова жалба против неговата екстрадиција во САД.

Високиот суд на Велика Британија му дозволи на Асанж да поднесе жалба на неговата екстрадиција, спречувајќи ги напорите на Вашингтон да му се суди на 52-годишниот Австралиец обвинет за оддавање американски воени тајни.

По одлуката, австралискиот премиер ги повтори повиците за прекин на гонењето на Асанж, велејќи дека нема „ништо да се добие“ од неговото затворање.

– Работиме на тоа, изјави австралискиот премиер.

Британската влада ја одобри екстрадицијата на Асанж во јуни 2022 година.

Асанж е во затвор во Лондон од април 2019 година, откако помина седум години во засолниште во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Австралискиот премиер на почетокот на годинава изјави дека гонењето на Асанж „не може да трае бесконечно“.

Американските власти сакаат да му судат на Асанж за оддавање американски воени тајни поврзани со војните во Ирак и Авганистан.

Тој е обвинет дека објавил 700.000 доверливи документи за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан, почнувајќи од 2010 година, а во САД се соочува со затворска казна до 175 години.

Високиот Суд во Лондон одлучува за екстрадиција на Асанж во САД