Кардиолозите потсетуваат дека е важно да побарате медицинска помош и да одите на превентивни прегледи без оглед на стравот од вирусот. Студијата спроведена во Америка посочува дека има помалку хоспитализации откако трае пандемијата, но пораснал бројот на смртни случаи од кардиоваскуларни болести. Научниците се обидоа да откријат колку смртни случаи се последица на кардиоваскуларните болести во текот на пандемијата и која е причината. Според резултатите од студијата, смртните случаи од инфаркт на миокардот се зголемиле во споредба со минатата година. Смртта како последица на хипертензија е, исто така, во пораст.
Што се случува?
Авторот на студијата, д-р Риши Вадера, кардиолог на Универзитетот „Харвард“, смета дека статистиката е поврзана со повеќе причини, а првата, според него и онаа која многу го загрижува, е дека пациентите, како што се оние кои доживуваат срцев удар и имаат потреба од итна лекарска помош, во текот на пандемијата избегнувале посета на болница поради страв од зараза со коронавирусот.
– Покрај тоа, пациентите можеби имале проблеми со пристапот до негата или доживеале одложување на термини за важни зафати, од едноставна причина што болниците се полни со пациени и ресурсите се потрошени. Инаку, некои смртни случаи може да рефлектираат недијагностицирана состојба и компликации од недијагностициран ковид-19 – објаснува Вадера, додавајќи дека е важно да се побара медицинска помош без оглед на стравот од зараза.
Некои пациенти можеби избегнувале посета на лекар откако ја слушнале пораката дека постарите лица, особено оние со здравствени проблеми, треба да останат дома, па пропуштиле прегледи што можеби би им спасиле живот.
Исто така, во некои места, особено во големите градови како Њујорк, некои лекари морале да работат помалку за да го намалат ризикот од ширење на вирусот, што е, исто така, важен фактор за неодење кај лекар на преглед. Болниците биле оптоварени со недостаток на лекари и медицински сестри, така што и тоа ја отежнало ситуацијата.
Менталното здравје е, исто така, важен фактор – луѓето денес се борат со анксиозност и депресија повеќе од кога било, а ги мачи и чувството на осаменост. Кардиолозите посочуваат дека менталното здравје е поврзано со развојот на кардиоваскуларни болести.
Оваа студија ќе послужи да „ги отвориме очите“ – и лекарите и пациентите, и да не заборавиме колку е важно да се побара медицинска помош без оглед на пандемијата. Дури и мало зголемување на крвниот притисок може да го загрози срцето на пациентот. Колку е поголемо зголемувањето на овие вредности, толку е поголем ризикот од развој на срцеви заболувања и смрт како последица од истите.
Затоа е важно луѓето кои имаат кардиоваскуларни заболувања да имаат контакт со својот лекар. Ако веќе не одите на лекар, задолжително бидете во контакт по телефон, разговарајте со него, објаснете кои симптоми ги забележувате, побарајте нова доза на лекови и бидете отворени. Не ги минимизирајте вашите проблеми пред лекарот.
Безбедно е да се посети болница ако се работи за итен случај. Никогаш не останувајте дома ако чувствувате притисок во градниот кош или други симптоми. Итните случаи треба да се третираат на ист начин како што се правело пред пандемијата. Важно е секој човек кој има некој од спомнатите симптоми на срцев или мозочен удар да побара медицинска помош. Болниците се безбедна средина дури и во време на пандемијата.