Пишува: Џелал Незири
По Втората светска војна, за време на владеење на Јозеф Сталин со Советскиот сојуз, во земјите од Источна Европа се инсталира најбруталната форма на тоталитарното владеење. По неговата смрт во 1953, за време на владеењето на Никита Крушчев и Леонид Брежнев, неколку земји од Источна Европа добија поголема автономија за дизајнирање на нивниот „комунистички пат“. Но, контролата на Москва врз овие држави, кои беа дел од Варшавскиот пакт, остана силна заради партиската администрација инсталирана во нивните држави системи од страна на влади лојални кон Москва. Една ваква ситуација, која беше наречена како „долга транзицијата од тоталитарен во пост-тоталитарен режим“, траеше се до 90-тите години. Во ова време, кога потфрлија обидите за економски и политички реформи на Советскиот сојуз предводени од последниот претседател Михаел Горбачов, почнаа и демократизирањето на државите кои беа уморни од еднопартискиот неуспешен и репресивен систем. Изјавата на Горбачов во ОН во 1998, дека СССР планира да ги повлече војниците од централна и источна Европа, беше сигнал за лојалните влади кон Москва дека ќе останат незаштитени, момент кој ги поттикна уште повеќе демократските струи внатре во овие земји.
РАЗЛИКА МЕЃУ ПАРТИЈА И ДРЖАВА
Првиот проблем кој се појави по транзицијата од тоталитарен во демократски режим, беше недостатокот на јасна дистинкција помеѓу партијата и државата. Администрацијата беше дизајнирана да и служи на партијата или, пак, беше самата партија. Тоа значеше дека по распадот на комунистичката партија почна распадот и на државната бирократија. Со ова се создаде потреба за замена на старата режимска администрација со нова анти-режимска, која беше неискусна за спроведување на новиот демократски систем. Со ваква ситуација се соочи Источна Германија, која се одлучи за целосна чистка во администрацијата и нејзина замена со нова. Но, и во случаите каде се одлучи да се реформира постоечката администрација, – како што беше случајот со Романија, Бугарија, Албанија и државите кои произлегоа од бивша Југославија – се појавија слични проблеми за демократијата.
За разлика од Источна Германија, која сепак успеа да консолидира администрација способна да одговори на новите демократски предизвици, во земјите каде се пристапи кон реформирање наместо чистка, и денеска имаме значителни проблеми. Наследството од еднопартискиот режим, како што партизацијата и непрофесионализмот, ги прават реформите во бирократијата главен предуслов за функционална демократија, која дава опипливи резултати за граѓаните. Функционалната демократија не подразбира само правна држава, но и демократски институции и конкретни резултати во правец на решавање на проблеми на граѓаните.
Употребливата или ефикасната државна администрација се значајни за модерните демократии. Може да се каже дека бирократите се клучни во функционирањето на овие држави, каде избраните политичари честопати се аматери кои имаат платформи легитимирани од мнозинството на избори, и истите можат да бидат спроведени само од страна на професионална администрација. Бирократите се клучен фактор за да ги прават институциите демократски и ефикасни, а со тоа и демократијата функционална.
БЕСКРАЈНИ РЕФОРМИ
Земјите на централна и источна Европа денес имаат консолидирана и професионална администрација заради општиот консензус за реформите, но и заради критериумите наметнати од страна на Европската унија (ЕУ) во рамки на евроинтегративниот процес. Република Северна Македонија, но и останатите земји од регионот со комунистичко минато, се уште прават напори за реформи – професионализација и департизација на администрацијата. Партизацијата од страна на една партија во минатото, од 90-тите години па наваму се замени со партизација од повеќе партии. Оваа слика ја прави демократијата нецелосно функционална, која не успева да ги испорача очекуваните резултати за граѓаните.
Ваквата ситуација придонесува кон губење на вербата дека демократијата може да ги реши проблемите на граѓаните. Последното истражување на ИРИ покажува значително намалување на поддршката за демократијата како најдобар систем. На прашањето „дали верувате дека демократијата е најдобар облик на владеење или не“, позитивно одговориле само 51 процент. И мнозинството од возрасната група од 18 до 35 години изразиле дека друга форма на владеење е иста или подобра од демократијата.
Од 2018 година е готов предлог на законот за висока раководна служба. Изготвен е од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, во соработка со невладиниот сектор. Целта на законот е професионализација на администрацијата со избор на директори преку јавни конкурси. Тоа значи наместо во седиштата на политичките партии, функционерите од третиот ешалон да бидат избрани од страна на непартиски комисии, сочинети од професионалци. Но, законот остана во фиоките на министерството.
Превземено од Смк.мк