Пишува: Азир Алиу, министер за здравство

Кога зборуваме за здравството, најчесто зборуваме за она што се гледа: нова опрема, реновирани оддели, зголемен број медицински кадар. Но постои еден слој на системот кој ретко е видлив за пациентот, а од кој зависи дали услугата ќе биде навремена, квалитетна и правична. Тој слој се вика управување.

Современото здравство одамна престана да се води само со медицинско знаење. Денес, здравствените системи се комплексни организации што бараат стратегија, процеси, финансиска дисциплина, управување со податоци и јасна одговорност. Современата болница повеќе не е само зграда со лекари, туку систем со архитектура, процеси, податоци, одлуки и одговорности што мора да функционираат синхронизирано. Без тоа, ниту најдобрата опрема, ниту најпосветениот медицински кадар не можат да дадат целосен ефект.

Во Македонија сè уште немаме национален, стандарден и континуиран механизам за развој на здравствено лидерство и болнички менаџмент. Постојат поединечни обуки, лични искуства и добра волја кај многу професионалци. Но системски, управувањето во здравството најчесто се учи „во од“, преку импровизација и лична издржливост, наместо преку јасно дефинирана професионална рамка.

А токму тука се крие дел од одговорот на прашањата што секојдневно ги слушаме: зошто има листи на чекање, зошто операционите сали не се користат оптимално, зошто трошоците растат, а резултатите често не се пропорционални. Овие проблеми ретко се чисто медицински, односно најчесто се последица на начинот на кој е управуван системот.

Затоа идејата за Академија за здравствено лидерство и болнички менаџмент не е уште еден проект или обука. Таа е реформа со која управувањето во здравството ќе станува професија. Академијата треба да биде национална платформа со јасни стандарди, мерливи резултати и континуитет, независна од дневната политика и усогласена со европските практики.

Во Европа, ова одамна е разбрано. Во Обединетото Кралство, NHS Leadership Academy систематски развива лидери за сите нивоа на здравствениот систем. World Health Organization има јасни рамки за лидерски компетенции поврзани со безбедноста и квалитетот на здравствените услуги, додека International Hospital Federation нуди практични модели за современ болнички менаџмент. Заедничката порака е едноставна, а тоа е дека лидерството не е интуиција, туку вештина што се гради систематски.

Истражувањата го потврдуваат истото. Болниците со подобри менаџерски практики имаат подобар квалитет на грижа, поефикасно користење на ресурсите и подобри клинички резултати. Тоа значи дека инвестицијата во управување не треба да се гледа како трошок, туку предуслов за ефикасно здравство.

Во нашиот контекст, Академијата треба да започне со јасна рамка на компетенции, усогласена со меѓународните стандарди, но прилагодена на домашната реалност: листи на чекање, финансиски притисоци, кадровски дефицити и регионални нерамнотежи. Академијата треба да создава лидери кои знаат да читаат податоци: колку чека пациентот, каде се губи време, каде капацитетите стојат празни. Здравството мора да се води со dashboard-и, а не со претпоставки. Болница каде директорот секое утро гледа ист екран што го гледа и Министерството: листи на чекање, искористеност на сали, клучни ризици. Овој мониторинг на процесите на е за контрола, туку за донесување на подобри одлуки.

Потоа следува воведување на модуларни програми за директори и раководни тимови – управување со процеси, финансии, човечки ресурси, квалитет и безбедност, дигитално управување со податоци, етика и интегритет.

Клучен елемент е практичната примена: работа со реални случаи од болниците, менторство и алатки што веднаш даваат ефект. Во 21 век, здравството не се управува со хартија и интуиција, туку со податоци, процеси и луѓе што знаат да ги користат.

Ова е и прашање на правичност. Кога управувањето е слабо, системот станува неправеден не по намерата, туку по последиците. Кога управувањето е професионално, редот станува дел од здравствената политика, а пациентите добиваат предвидливи термини и фер пристап до услуги.

Дигитализацијата не е инсталација на софтвер, таа подразбира и промена на начинот на одлучување. Без обучени менаџери, дигиталните системи стануваат скапи архиви, наместо алатки за управување. Без добар менаџмент, ниту еден ИТ систем нема да ги скрати листите на чекање или да го подобри искуството на пациентот.

Академијата за здравствено лидерство и болнички менаџмент ја гледам како постепена, но суштинска реформа. Како национален капацитет што ќе остане и по промената на министри и влади. Затоа што здравствениот систем не е само збир на болници и апарати, тој е и начинот на кој управуваме со нив.