Речиси сите цицачи растат крзно на телото, но не и човекот. Сте се запрашале ли некогаш зошто луѓето се единствените цицачи што имаат повеќе коса на главата отколку на останатиот дел од телото?
Марк Пејгел, еволутивен биолог на Универзитетот во Ридинг во Велика Британија, вели дека за да го разбереме тоа, прво мора да разбереме зошто цицачите имаат крзно. Крзното ја одржува топлината на телото на животните кога е ладно ноќе, а преку ден ги штити од сонце. Човечките предци изгубиле голем дел од влакната на телото, бидејќи имале можност да надоместат со оган, засолниште и облека. Но иако тоа објаснува зошто човекот би изгубил поголем дел од крзното, тоа не дава одговор зошто тоа сосема исчезнало.
„Постојат три главни теории за тоа каква може да биде предноста“, изјави Пејгел за „Live Science“.
Првата теорија се базира на фактот дека густо крзно би довело до прегревање на телото на жешко пладневно сонце. Покрај тоа, луѓето еволуирале да имаат повеќе потни жлезди отколку нашите предци. Долгото крзно би се натопило во пот што би го отежнело испарувањето, а со тоа и ладењето на телото. Сепак, оваа хипотеза не успева да објасни зошто мажите имаат тенденција да бидат повлакнести од жените.
Втората теорија, се базира на хипотезата за водни мајмуни која вели дека нашите предци поминувале многу време во вода. Крзното тежело за време на пливањето, па со тек на време, тоа се изгубило. Сепак, нема доволно докази дека луѓето поминувале значително време во вода за време на еволутивното минато, а покрај тоа, нема објаснување за тоа зошто луѓето не го вратиле крзното откако го напуштиле крајбрежјето.
Третата теорија, хипотезата за ектопаразит, се споменува во студија од 2003 година објавена во списанието „Зборник на кралското друштво Б: Биолошки науки“. Ектопаразитите се паразити кои живеат од надворешната страна на телото на домаќинот. Овие паразити (вошки, крлежи и болви) се главна причина за болести и смртност кај видовите. Кожата без влакна не е привлечна за ектопаразитите, а и многу полесно е цицачот да се ослободи од нив доколку нема густо крзно.
Но, зошто луѓето ги задржале влакната на главата?
Како животни кои одат исправено на две нозе, нашите глави се директно изложени на сонцето. Во близина на екваторот, каде што еволуирале луѓето, изложувањето на сонце е преголемо, а влакната на главата им помагаат на луѓето да избегнат прегревање.
Косата на главата исто така помага да се задржи топлината ноќе. „Нашиот мозок е релативно мал во споредба со остатокот од нашето тело, но тој е енормно метаболички активен“, вели Пејгел.
Сексуалната привлечност исто така може да игра улога. Луѓето не само што имаат влакна на главата, туку и ги стилизираат. Косата не фосилизира добро, па истражувачите немаат многу директен доказ за тоа дека нашите предци правеле „фризури“, освен зачуваните мумии на места како што се Египет и Перу.
Сепак, истражувачите проучувале денешни домородни луѓе кои немале контакт со надворешниот свет и откриле дека тие исто така ја обликуваат косата, сугерирајќи дека тоа можеби го правеле и нивните предци.